Македонска ризница број 24

Почитувани читатели,

http://issuu.com/makedonska_riznica/docs/makedonska_riznica_24

Имаме чест да ви го претставиме дваесет и четвртиот број на е-списанието Македонска Ризница со кој што го одбележуваме јубилејот две години постоење. Исто како и во сите досегашни броеви, и во овој ќе можете да прочитате избор написи од областа на македонската историја, култура и традиција.

Ќе ве запознаеме со германската улога во реорганизацијата и модернизацијата на османлиската војска пред Илинденското востание, како и со еден релативно непознат македонски револуционер. Ви претставуваме дел од богатото творештво на македонскиот сликар Стојанче Андонов – Дито и на стрип авторката Иванка Апостолова. Ќе можете да научите и нешто повеќе во врска со Дебарско – кичевската епархија на МПЦ – ОА, а во овој број ви го претставуваме и последниот напис од рубриката посветена на македонските икони.

Би сакал во името на целата редакција на Македонска Ризница, да искажам огромна благодарност до карикатуристот Никола Анѓелкоски, кој што со своите карикатури даде огромен придонес за збогатувањето на ова електронското списание. Неговата серијата портрет карикатури на македонски револуционери и преродбеници, според наше мислење, претставува не само потсетник на славните дејци од македонското минато и оддавање почит за нивните заслуги за Македонија, туку на некој начин и освежување и визуелно осовременување на нивниот помен, како и оставање траен печат за начинот на кој што биле доживувани во времето во кое што ние сега живееме.

Се надеваме дека ќе уживате во читањето на овој дваесет и четврти број на Македонска Ризница.
Со почит

Александар Стеванов

Македонска Ризница број 23

Почитувани,

http://issuu.com/makedonska_riznica/docs/makedonska_riznica_23

Древниот кинески филозоф, мислител и мудрец Конфучие, во една прилика запишал: „Секој ден донеси по една кошница земја на едно место - и ќе изградиш планина“. Прилагодувајќи се на оваа негова максима и доследно применувајќи ја во своето работење, амбициозниот уредувачки тим на списанието „Македонска Ризница“ за само две години успеа да создаде прототип на популарно електронско списание, чиј растеж е повеќе од евидентен, а број на читатели и почитувачи се поголем. Тивко и ненаметливо, но со многу сенс и посветеност, од месец во месец, од број во број, списанието се надградува и збогатува со нови содржини, токму по теркот на народната - дека здрава и убава куќа се прави врз здрави, стамени темели.
„Македонска Ризиница“ е буквално дом во кој „засолниште“ без ничие фаворизирање, подеднакво си наоѓаат креациите на проминентни , но и на надоаѓачки инвентивни творци и креативци со чиста мисла, кои допрва треба да го кажат својот збор во, повеќе умствени, уметнички и други научни дисциплини во кои се остваруваат.
Во Македонија силно се твори и интензивно се создава, зашто пред се исторското, а потоа и културно- социјалното и општествено милје како непресушен извор на инспрација, кријат во себе уште многу загатки и тајни и кои чекаат да бидат обзнанети и обелоденети, на наше заедничко задоволство. Оттаму и немам никаква резерва дека ионака етаблираната електронска платформа озаглавена „Македонска ризница“ ќе прерасне во поголемо „огледало“, кое уште поинтензивно и во поголем обем ќе ги рефлектира македонските творечки дострели, исцртувајќи ја и збогатувајќи со нови сознанија, патеката на македонското битисување и опстојба од дамнина , па до денес.
Посакувајќи Ви да уживате во содржините што ги нуди, 23–от број на „Македонска Ризница“,топло ќе Ви ги препорачам насловите Илинденското востание и македонската еманципација од др.Стефан Влахов Мицов, -преведената статија од списанието „Илустрација Илинден„ за уништувањето на првата чета во- Битолско поле , како и репортажата за манастирот Свети Јоаким Осоговски, сместен во пазувите на Осоговските планини во Крива Паланка.
Со почит, Жорж Поповски

Македонска Ризница број 22


Почитувани читатели,

http://issuu.com/makedonska_riznica/docs/makedonska_riznica_22

Секој нов број е ново камче во мозаикот наречен „Македонска Ризница“.
Во овој број Ви го пренесуваме сведоштвото за судбината на Македонците за време на „Априлската војна“, сведоштво за една партизанка која што го дала својот млад живот за слободата на Македонија, а преку зборовите на една монахиња од манастирот „Свети Архангел Михаил“ во Берово ќе ве запознаеме со ова духовно место. Тука се и стандардните прилози од македонската поезија, фолклор и уметност. Овие запишани сведоштва од македонската историја се само дел од нашето богато минато. Минато кое треба да го истражуваме за од него да стекнеме поука.
За крај би сакал да пренесам дел од апел на група млади Македонци :
„...Освестете се, Македонци, стреснете се додека не е доцна, затоа што, во спротивен случај тие ќе го направат, тие ќе си ја постигнат целта; свестете се за да не се каете отпосле, затоа што откако еднаш ќе се загнездат кај вас вие вечно станувате нивни робови. Тие немаат никакви права врз вас; вие треба да заживеете самостоен живот, ослободен од секакво влијание. Покажете пред светот дека и вие сте народ: дајте да се разбере дека сте достојни потомци на вашите славни предци...“
Јули, 1898 год. весникот „Глас“ бр.1

Ви посакувам пријатни моменти додека го читате новиот број на списанието „Македонска Ризница“
Со почит, Благојче Андонов

Македонска Ризница број 21


Бетмен велит 

http://issuu.com/makedonska_riznica/docs/makedonska_riznica_21

Кога уредникот на Македонска Ризница ме покани да го напишам воведот во новиот број, најпрво рефлексно ми дојде да ги прелистам претходните изданија и да видам какви боречки зафати се случуваат во воведот пред секое издание - нормална реакција пред да прифатам или одбијам (јес, не сум најредовниот читач) чисто за да го видам куќниот ред и покрај срдечноста на домаќинтие. И речиси сите текстови кои ги прочитав по случаен избор флертуваа, се допираа со колено со славното минато на Македонија (добро, добро, јасен ми е насловот на весникот и содржината во него), а со мало прсте предупредуваа на невреднувањето на своето и опоменуваа за важноста на мотивирачко најдено низ истрајноста на нашиот народ со која ќе чекориме со балетски, гимнастичарски чекори напред во иднината. Еден ден, сигурно. Не беше тешко да се заклучи дека сите играме од иста, иако мене малку поинаку ми прелета пилето кога го пуштив низ овој простор кој ми го отстапија добрите луѓе од Македонска ризница.Јас историјата не ја гледам како супститут за нужностите од реалноста, туку како референтна точка за проверка на компасот од бродот со кој пловиме. Џони Штулиќ (ете, роден Македонец) викаше: „Није важно одакле сам, све док знадеш куда путујем...“. Можеме „да не си го знаеме беровското сирење“, а да чезнееме по холандската фета. Тоа не е кардинален фаул, бидејќи се работи за вкусеви. Далеку поголем фаул е да читаме слепо за македонските историски великани и така да се фрлиме во најголемиот грев кој ќе ја осиромашува нашата ризница и ќе банкротираме душевно, ќе заборавиме каде сме патувале ние, каде патувале и оние на кои им се восхитуваме. Тоа што Панко Брашнаров бил светски мегацар не значи дека таков ќе сум и јас или ти, не значи дека ни е предодредено нештото и дека некој нас ни должи и поради тоа не' мрази и сака да не' нема. Тоа значи само дека Панко Брашнаров бил одличен во своето време, а јас и ти треба да се трудиме, секој ден да оставиме доволно материјал за идните генерации да ни дигаат споменици нам. Ако нив не им оставиме ништо наше, ако се што е наше е временски туѓо и старо, ништо не сме направиле. Ако сакаме нашите деца да ни градат споменици, само затоа што ние сме граделе споменици, за 5 генерации нема да се знае кој има споменик бидејќи ја описменил половина Европа, а кој затоа што му дигнал споменик на просветителот. Јас сакам да создадеме материјал за споменици кои ќе ни ги прават нам идните генерации не за да сјаат гордо натопорени по плоштадите и крстосниците, туку ќе стојат скриени во една ризница во едно одајче во душата на секој Македонец. Скривница со ризница која нема да тежи, туку ќе облагородува. Нека е честит новиот број, да сте ми живи и здрави. За Неа.