Македонска Ризница број 21


Бетмен велит 

http://issuu.com/makedonska_riznica/docs/makedonska_riznica_21

Кога уредникот на Македонска Ризница ме покани да го напишам воведот во новиот број, најпрво рефлексно ми дојде да ги прелистам претходните изданија и да видам какви боречки зафати се случуваат во воведот пред секое издание - нормална реакција пред да прифатам или одбијам (јес, не сум најредовниот читач) чисто за да го видам куќниот ред и покрај срдечноста на домаќинтие. И речиси сите текстови кои ги прочитав по случаен избор флертуваа, се допираа со колено со славното минато на Македонија (добро, добро, јасен ми е насловот на весникот и содржината во него), а со мало прсте предупредуваа на невреднувањето на своето и опоменуваа за важноста на мотивирачко најдено низ истрајноста на нашиот народ со која ќе чекориме со балетски, гимнастичарски чекори напред во иднината. Еден ден, сигурно. Не беше тешко да се заклучи дека сите играме од иста, иако мене малку поинаку ми прелета пилето кога го пуштив низ овој простор кој ми го отстапија добрите луѓе од Македонска ризница.Јас историјата не ја гледам како супститут за нужностите од реалноста, туку како референтна точка за проверка на компасот од бродот со кој пловиме. Џони Штулиќ (ете, роден Македонец) викаше: „Није важно одакле сам, све док знадеш куда путујем...“. Можеме „да не си го знаеме беровското сирење“, а да чезнееме по холандската фета. Тоа не е кардинален фаул, бидејќи се работи за вкусеви. Далеку поголем фаул е да читаме слепо за македонските историски великани и така да се фрлиме во најголемиот грев кој ќе ја осиромашува нашата ризница и ќе банкротираме душевно, ќе заборавиме каде сме патувале ние, каде патувале и оние на кои им се восхитуваме. Тоа што Панко Брашнаров бил светски мегацар не значи дека таков ќе сум и јас или ти, не значи дека ни е предодредено нештото и дека некој нас ни должи и поради тоа не' мрази и сака да не' нема. Тоа значи само дека Панко Брашнаров бил одличен во своето време, а јас и ти треба да се трудиме, секој ден да оставиме доволно материјал за идните генерации да ни дигаат споменици нам. Ако нив не им оставиме ништо наше, ако се што е наше е временски туѓо и старо, ништо не сме направиле. Ако сакаме нашите деца да ни градат споменици, само затоа што ние сме граделе споменици, за 5 генерации нема да се знае кој има споменик бидејќи ја описменил половина Европа, а кој затоа што му дигнал споменик на просветителот. Јас сакам да создадеме материјал за споменици кои ќе ни ги прават нам идните генерации не за да сјаат гордо натопорени по плоштадите и крстосниците, туку ќе стојат скриени во една ризница во едно одајче во душата на секој Македонец. Скривница со ризница која нема да тежи, туку ќе облагородува. Нека е честит новиот број, да сте ми живи и здрави. За Неа.

No comments:

Post a Comment